Осветен манастирот посветен на Пресвета Богородица – Источен Петок Балаклија, Злетово, метох на Лесновскиот манастир

image

На 16. 05. 2010 година, Недела на Светите Отци, св. мч – ци Тимотеј и Мавра, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан заедно со Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Игуменот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин и свештеници од Брегалничката епархија, го освети ново-изградениот манастир  посветен на Пресвета Богородица – Источен Петок Балаклија, во месноста Марена - Злетово, метох на Лесновскиот манастир,  чиј што ктитор на манастирската црква е г. Чедо Петров со сопругата Елена и нивните рожби Ивана и Игнат, и отслужи света архиерејска литургија.


На крајот од светата литургија, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, одржа пригодна беседа во која ја искажа Својата радост за изградбата на овој прекрасен Божји дом, бидејќи овде некогаш постоел жив манастир посветен на Пресвета Богородица и токму овде живееле  и се молеле монаси и еве сега истото по Божја промисла пак се оживотворува, исто така се заблагодари и на ктиторот на оваа манастирска црква и на сите кои учествувале во помагањето на изградбата на овој скапоцен бисер. По таа причина, по Одлука на Надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан на ктиторот на манастирската црква г. Чедо Петров му додели Орден на Брегалничката епархија, со ликот на Светиот Николај, архиепископ Мирликијски Чудотворец – патрон и заштитник на Брегалничката епархија. Исто така на сите кои помогнаа да се изгради целиот манастирски комплекс, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, им додели Благодарници.

По ова, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан и Митрополитите г. Агатангел и г. Иларион, го освети ново - изградениот манастарски конак.

На чинот на осветувањето присуствуваше многуброен православен народ од сите краишта на Р. Македонија, како и преставници од Владата на Р. М, Градоначалници на повеќе Општини и преставници од Јавниот и Приватниот сектор.